На 26 февруари 2015 г. (четврток), во 12:00 часот, во Центарот за конференции и студии при Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје, ќе се одржи конференција за печат на која ќе биде претставено победничкото решение на конкурсот „КулТИП“ - аудио плеер за лица со посебни потреби. Aудио плеерот е резултат од проектот „Веб базиран аудио плеер за лица со посебни потреби“ со кој НУБ „Св. Климент Охридски“ - Скопје и Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ) учествуваа на конкурсот „КулТИП 2014“ што го организираше Британски совет во соработка со Факултетот за информатички науки и комјутерско инженерство (ФИНКИ). На овој конкурс за иновативни решенија и за воведување на нови дигитални технологии во културните институции беше доделена прва награда за аудио плеерот за лица со посебни потреби.
Аудио плеерот го изработија НУБ „Св. Климент Охридски“ - Скопје и Факултетот за информатички науки и комјутерско инженерство (ФИНКИ) и има за цел да овозможи полесен пристап до аудио содржините обезбедени од Одделението за слепи и слабовидни лица при НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје.
Покрај основните функционалности вообичаени за ваков вид софтверски решенија, при изработката на овој аудио плеер особено беше обратено внимание на имплементација на препораките од W3-конзорциумот за достапност на интернет - содржини за лицата со посебни потреби. Овој аудио плеер поддржува транскрипција на аудио книги според содржината и формата, а од меѓународните стандарди и протоколи во плеерот имплементирани се Даблин кор (Dublin Core) и Микродата (Microdata - Schema.org) што го прави плеерот оптимизиран за најпопуларните интернет-пребарувачи и лесно може да се интегрира во која било дигитална библиотека. Плеерот е повеќејазичен (на македонски, англиски, германски и шведски, а наскоро ќе биде достапен и на албански, турски и кинески).
Изворниот код на аудио плеерот е објавен како open source-решение и е јавно достапен на GitHub преку корисничката сметка на НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје. Исто така изработена е и посебна веб-страница каде што заинтересираните лица можат да ги разгледаат сите функционалности на аудио-плеерот.
Тој наскоро ќе биде интегриран во Дигиталната библиотека на Македонија и ќе служи за стриминг на аудио книги од Одделението за слепи и слабовидни лица при НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје.
Повеќе информации може да најдете на следните линкови: